Најавеното влошување на временските прилики, падот на температурите со обилни врнежи од дожд и снег пристигна во поголемиот дел од регионот, а црвеното предупредување на Метеоаларм е воведено за јадранското крајбрежје и источна Херцеговина.
Долж хрватското крајбрежје дува орканска бура, така што во прекин се голем број траектни линии, а бројни патишта се затворени за сите видови возила и засега камионите со приколки не можат да возат од внатрешноста на Далмација и хрватското приморје и обратно, соопшти Хрватскиот автоклуб.
Циклонот Реа надвисна над Хрватска, во Славонија се предвидуваат комбинирани врнежи на дожд и снег, а во Лика и Горски Котор од снег.
Во Сплит дува бура со орканска сила, а таа најголем интензитет има на Велебит и во Далмација.
Во Макарска брзината не ветерот достигна 130 километри на час, а во Подстрана интервентните екипи мораа да отстранат урнат електричен столб.
На трговско-транспортниот терминал Сплит се урна дел од покривот на фирмата „Далмекс“, додека на подрачјето на Дорње Подстране во прекин е снабдувањето со електрична енергија.
Поради снежните врнежи во Хрватска стопиран е сообраќајот за возилата над 7,5 тони на граничниот премин Изачиќ, додека на останатите гранични премини нема подолги задржувања.
Во Босна и Херцеговина европскиот Метеоаларм денеска објави црвено предупредување за источна Херцегоина и жолто за остатокот од земјата.
Прогнозите најавуваат најобилни врнежни од снег токму во источна Херцеговина.
Сообраќајот поради снегот на повеќето патни правци во БиХ веќе се одвива отежнато и успорено, а на патниот правец Сараево Коњиќ на планинскиот превој Иван целосно е стопиран сообраќајот за товарни моторни возила.
Снег има и во Црна Гора, а од изутринава поради врнежите стопиран е сообраќајот за одредени категории на возила на патот Подгорица-Бијело Поље.
Во Словенија надлежните служби предупредуваат за исклучително силен ветер и бура во приморските региони и во сила е жолто предупредување.