Младинскиот културен центар од 4 март ја презема активноста на дебатниот филмски клуб „Лале“ кој успешно функционираше во кафулето „Менада“ во изминатите две сезони.
Активноста на клубот одсега ќе се одвива во посоодветни техничко -просторни услови, односно во џепното кино на МКЦ.
Клубот ќе функционира како непрофитна активност на МКЦ (проекциите се бесплатни) со идеја филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови по проекцијата на секој филм.
Клубот има и едукативна улога, со намера преку сопствени оценки и дискусија за филмовите, да ги поттикне креативните размисли на филмофилите.
„Програмата која ја нуди дебатниот филмски клуб „Лале“ е грижливо селектирана и е составена од филмови со врвни уметнички референци, но и такви кои се значајни по своето силно влијание, или се значајни заради контроверзноста, авангардноста и деликатноста било во тематска или естетска смисла, секако и оние кои се издвојуваат со својата храброст, провокативност и конечно, филмови кои имаат силен авторски печат.
Во уметноста па и во филмот „годините не се важни“, важен е само духот на човечката инспирација и идеја.“, соопштуваат од МКЦ
Селектор на програмата и модератор на дебатите е нашиот искусен филмски критичар Влатко Галевски.
Проекциите се одржуваат секоја среда со почеток во 20 часот во џепното кино на МКЦ.