„Македоника литера“ го објави романот „Дневник на друга зима“ на српскиот писател Срѓан Валјаревиќ, во превод од српски јазик на Нове Цветаноски. Романот, кој се појави во 2005 година, беше вклучен во десетте најдобри романи во Југоисточна Европа во 2006 година, а доби и неколку книжевни награди во Србија.
Во романот Валјаревиќ пишува за секој свој чекор на повторното раѓање и проодување по тешка болест, од која станал неподвижен. На овој роман му претходеше „Зимски дневник“ (1995), кој за кусо време по објавувањето стана култен роман и тој статус го задржа повеќе од една декада.
– „Дневникот на друга зима“ го пишува од 1 декември 2004 до 31 март 2005 година, со извонредна стилска изразност. Овој нестандарден роман во дневнички (автобиографски) белешки ги следи деновите на писателот за време на долгиот, мачен и болен процес на повторно проодување и на телесна рехабилитација, неговите макотрпни закрепнувачки прошетки и навидум монотоно секојдневје, а ги пишува со препознатлив лежерен и искрен стилски израз, информира македонскиот издавач.
Срѓан Валјаревиќ (1967, Белград) е еден од најистакнатите писатели во новата српска литература. Ги објавил: книгата поезија „Џо Фрејзер и 49+24 песни“, прозната книга „Зимски дневник“ и романите „Лист на корката леб“, „Луѓе на маса“, „Дневник на друга зима“ и „Комо“. Според негова проза е снимен филмот „Нормални луѓе“.
Прозата и поезијата на Валјаревиќ се преведувани на десетина јазици. Неговиот роман „Комо“, кој е вклучен меѓу десетте српски романи во рамките на проектот „Сто словенски романи“, а објавен е и на македонски јазик во издание на „Македонска реч“.