Аргентинската претседателка Кристина Фернандес де Кирхнер денеска изјави дека специјалниот обвинител, кој ја обвини за попречување на истрагата за терористичкиот напад од 1994 година, бил контрадикторен, бидејќи за неа имал и пофални зборови.
Обвинителот Алберто Нисман на 18 јануари беше пронаден мртов во својот стан, но се уште не се разјаснети околностите за неговата смрт, на само неколку часа пред планираниот настап во Конгресот и образложението на обвинението против претседателката.
Обраќајќи се вчера пред пратениците во Конгресот, претседателката на Аргентина кажа дека Нисман пишувал позитивно за нејзините говори во ОН, насочени кон остварување на правдата во случајот со бомбашкиот напад врз еврејскиот културен центар во Буенос Аирес, во кој во 1994 година погинааа 85 лица.
Де Кирхнер кажа и дека е тоа во спротивност со неговите обвинувања дека таа со други функционери ја прикривала „иранската трага“ во истрагата.
– На кој Нисман да му се придружите, запраша таа, а пренесоа американските медиуми.
Де Кирхнер претходно имаше изјавено дека Нисман добил лажна информација од еден од агентите на специјалната служба, кој сакал да ја дискредитира нејзината Влада и дека нема намера да ја напушти функцијата до изборите, закажани за октомври.
Француските медиуми известија дека неколку десетици илјади приврзаници на претседателката вчера се собраа пред Конгресот, само неколку дена откако федерален судија одби да почне судска постапка против неа, и по минатомесечните масовни собири оддржани во знак на сеќавање на Нисман.