Напуштени домашни животни, крави, бикови и коњи слободно, без контрола на сопствениците, шетаат по улиците и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот и комуналната хигиена во Сутоморе, во Црна Гора.
Како што пренесуваат медиумите контејнерите низ градот се претворени во „пасишта“, додека коњи галопираат преку Спичанско поле.
-Ова е вистински терор. Бикови, крави и коњи непречено влегуваат во дворовите, градините, ги уништуваат овошките и зеленчукот, живата ограда па и фасадите на куќите. Состојбата е алармантна., а комуналната полиција не презема ништо- вели Нетко Синановиќ кој живее во Хај-Нехај.
Од ЈП „Комунална дејност“ велат дека се соочуваат со голема несовесност на граѓаните, како и со проблемот со животните кои талкаат низ Сутоморе.
-Се надеваме дека ќе се разбуди свеста кај сопствениците на животните и дека ќе ја почитуваат Одлуката за комунално уредување на градот и своите стада ќе ги држат надвор од подрачјата кои се забранети со таа одлука – вели Недељка Орландиќ, генерален директор на ЈП„Комунална дејност“.
Е. Г.