Претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев распиша предвремени претседателски избори во земјата за 16. април.
Редовните претседателски избори требаше да се одржат следната година.
Претходно овој месец владејачката партија на Назарбаев, Нур Отан и Собранието на народот на Казахстан, уставен орган под надлежност на претседателот, излегоа со иницијатива за одржување предвремени претседателски избори оваа година.
Тие иницијативата ја аргументираа со заострувањето на светската економска криза и сложената ситуација.
– На претседателот на Казахстан треба да му се даде нов мандат за да може успешно да владее со државата во периодот на глобални тестови и земјата да го продолжи патот кон масовна модернизација, се наведува во соопштението на Собранието на народот на Казахстан, објавено на 14. февруари.
Како резултат на оваа иницијатива двата дома на Парламентот се обратија кон претседателот Нурсултан Назарабаев со барање да закаже предвремени претседателски избори.
Назарбаев изјави дека денеска подоцна ќе одлучи дали ќе се кандидира на изборите.
Тој нагласи дека предвремените избори треба да бидат набљудувани од претставници на меѓународни организации.