Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ покренуваат акција, односно кампања наменета за македонските автори и книги.
– Со оглед на слабата читаност и недостапност на книгите од македонските автори кај пошироката читателска публика од денеска започнува да се реализира проектот под заеднички наслов „Македонски автори и книги“, се вели во денешното соопштение од организаторите на акцијата.
За таа цел, во Културниот центар „Феникс“ ќе се овозможат промоции на книги на сите заинтересирани автори од Скопје и Републиката, потоа разговори со веќе афирмирани писатели, но и нови и млади литературни творци, курсеви за креативно пишување, како и креативни и едукативни работилници и слично.
Една од првите активности, како што се наведува во соопштението, ќе биде препорачувањето на книгите од македонски автори на стеблата од Градскиот парк и пофреквентните дрвореди во Скопје, потоа секојдневното препорачување на македонските автори и книги преку фејсбук на профилот „Македонски автори и книги“, избирањето на највредните дела и составувањето неделни топ листи, во соработка со библиотеките ќе се избираат и наградуваат најдобрите читатели, ќе се организираат мини саеми на книгата на отворено, но и бројни други активности и идеи.
По кампањата за македонските автори и книги, организаторите на оваа акција планираат сличен проект и за македонските сликари и нивните дела, при што посебен акцент ќе биде ставен врз современото ликовно и книжевно творештво кај нас.