Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката, Радмила Шекеринска и генералниот секретар, Оливер Спасовски, денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на САД во Република Македонија, Џес Л. Бејли.
Претседателот Заев му се заблагодари на амбасадорот Бејли за сета поддршка што ја даваат Соединетите Американски Држави во сите процеси на демократизација на Република Македонија.
-За жал, тие процеси се веќе подолг период сериозно нарушени и СДСМ како најголема опозициска партија има одговорност да ги врати уништените демократски вредности, поради коишто луѓето ја напуштаат земјата, а Македонија назадува во евро – атлантските перспективи, рече претседателот Заев.
На средбата се разговараше за загрижувачката ситуација во државата со кршењето на основните човекови права, за предизвиците за функционалност на државниот систем во услови на поклопеност од страна на власта и нарушениот демократски амбиент во земјата.
Раководството на СДСМ соопшти дека прислушувањето и упадот во судството се мал дел од доказите како Груевски и неколку луѓе околу него со своите незаконски и криминални активности го погазиле уставниот поредок, со единствена цел да воспостават контрола врз се во државата и на тој начин да го обезбедат своето владеење.
-Тоа се сериозни докази што СДСМ има морална и законска обврска да ги сподели со јавноста со крајна цел нормализација на Македонија, рече претседателот Заев на првата средба со новиот амбасадор на САД во Република Македонија Џес Л.Бејли.