Со исклучок на патни правци каде има последици од одрони и свлечишта, сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по претежно суви коловози, информира Автомотосојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ укажува на внимателно возење на патниот правец Катланово – Велес по наплатната станица Сопот, каде поради можен одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец Кочани – Македонска Каменица одронот е исчистен, но превентивно сообраќајот е се уште затворен и се пренасочува преку Виница – Пехчево – Делчево.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Локалниот пат за село Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и се одвива преку село Подареш-Радовиш.