Под мотото „Излези во природа, влези во авантура“ изработени се два спота посветени на алтернативниот туризам во Охридско-струшкиот крај и регионот на Корча и Поградец во Албанија.
Спотовите се професионално изработени и во нив се афирмираат велосипедизмот, планинарството, параглајдеството и рибарството во Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца во Македонија и Корча и Поградец во Албанија.
Ќе се емитуваат на локални и национални медиуми во Македонија и во Албанија, како и на интернет со цел да се промовира регионот како туристичка дестинација.
Рекламите се дел од проектот „Кон алтернативен туризам“ што го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија и Партнерс Албанија од Тирана. Средствата за проектот во висина од 184 илјади евра се обезбедени преку ИПА програмата на Европската унија. Покрај рекламите реализирани се и обуки на туристичките работници и студиски посети во двата региона.
Според евроамбасадорот Аиво Орав, емитувањето на видео спотови се важни за промоцијата на туризмот, а една од придобивките на алтернативниот туризам е развојот на локалниот економски развој.
– Овој проект заедно со други иницијативи треба да резултира со носење на повеќе посетители во регионите на Струга, Охрид, Вевчани и Дебарца. Ова ќе биде придобивка за нивниот социо-економски и културен развој, истакна евроамбасадорот Орав на денешната промоција на спотовите.
Тој додаде дека во рамки на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка со Албанија за периодот 2014-2020 се обезбедени 12 милиони евра и оти ќе има и локални и регионални програми за конкурентност во износ од 18 милиони евра.
Од Министерството за локална самоуправа се надеваат дека видеата ќе придонесат за развој на туризмот во Охридско-струшкиот регион.
– Ќе покажаме дека покрај езерото, кое ни е адут за привлекување на туристи, има и многу други работи како на пример качување по карпи, возење велоспипед или рибарење, рече заменик-министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов.
Проектот „Кон алтернативен туризам“ е еден од 150-те проекти што се реализираа во периодот од 2007 до 2013 година во вкупна вредност од 16 милиони евра.