Македонската филхармонија вечер ќе одржи концерт со македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев. Овој најнов проект на Бојаџиев, уметникот кој веќе долги години живее и твори во центарот на светската култура, Њуjорк, е по повод Денот на вљубените и е насловен „Сон, Верба, Љубов“.
Концертот ќе биде под диригентство на маестро Борјан Цанев, а гости се вокалот Крсте Роџевски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли, кои исто така живеат и работат во Њујорк. Тројцата се редовни соработници на албумските, филмските и концертните изданија на Дуке Бојаџиев.
„Сон, Верба, Љубов“ ја инкорпорира музиката што Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, композициите од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби кои премиерно ќе прозвучат заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција. Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија. Дел од композициите се збогатени со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13.век, Џелалудин Мевљана Руми.
Проектот „Сон, Верба, Љубов“ ќе заживее и на ексклузивен материјал, во форма на видео запис (ДВД) и аудио (ЦД) издание, со што ќе понуди можност за претставување на македонската авторска и традиционална музика и во светски рамки.