Претседателката на Косово Атифете Јахјага денеска изјави дека Косово има јасни „црвени линии“ во идните разговори за политичките прашања со Србија.
Јахјага на прес-конференцијата одржана во врска со меѓународната конференција за положбата на жените истакна дека Косово со ниту една држава нема да разговара за внатрешните прашања, особено не со Србија.
Новинарите побараа од неа да го даде своето мислење како претседател на Косово во врска со изјавата на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, која рече дека Приштина и Белград треба да се подготват за тешките одлуки и побараа да каже дали тие одлуки се однесуваат и на северно Косово, јави Танјуг.
Јахјага одговори дека таа не сака да ги толкува и коментира изјавите на Ештон, но додаде дека ставот на Косово е познат, а тоа е дека „нема да се преминат црвените линии во овие разговори“.
– Постојат некои линии или црвени линии одредени од страна на граѓаните и институциите на Косово и ниту едно внатрешно прашање на нашата држава нема да биде тема на разговор со некоја друга држава, особено не со Србија, рече Јахјага.
Таа истакна дека разговорот и дијалогот се најдобрите начини за регулирање на односите меѓу државите во регионот, вклучувајќи ги и односите меѓу Косово и Србија, но додаде дека во тие разговори двете страни ќе бидат претставени рамноправно како држави.