На неопределено време ќе се вработат над 3.000 лица, Собранието го изгласа Законот

Од:

Собранието на Република Македонија денеска го усвои Законот за трансформација во редовен работен однос со кој сите ангажирани лица во јавниот сектор без решен статус ќе добијат редовно вработување.

Со законот ќе бидат опфатени над 3.000 лица кои работат со години во државни институции и органи на определено работно време преку разни видови договори.

Заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини, образложувајќи го Законот, истакна дека откако тој ќе стапи во сила институциите каде што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.

Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време.

Со амандманска интервенција, како што појасни пратеникот Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, се овозможува тие да имаат прекин по овој датум, но не подолг од еден месец со цел, како што рече, да се надминат проблемите кои се јавија со почетокот на примената на законот за хонорарите кој почна да се применува од 1 јануари, кога поради административни причини имало куси прекини во обновувањето на договорите

Во периодот до стапување во сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно и понатаму ќе бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани, односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надомест по основ на тие видови договори.

Триесет и пет проценти ќе добијат решенија за трајно вработување веднаш по стапувањето во сила на законот, уште 35 проценти од 1 декември годинава, а останатите од 1 септември следната година.

Приоритет во однос на динамиката за стапување во сила на договорите за редовен работен однос ќе имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период, односно први ќе бидат редовно вработени тие што работеле најдолго.

Со Законот за трансформација во редовен работен однос се предвидува решавање на статусот на неколку илјади лица ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од државата и единиците на локалната самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

Со остварувањето право на редовен работен однос на оваа категорија граѓани истовремено им се зголемува одговорноста во извршување работни обврски и задачи и се обезбедува социјално осигурување и остварување на сите права од редовен работен однос. Тоа ќе влијае на позитивноста и на продуктивноста, ефикасноста и на ефективноста на трудот.

Пратеникот Мукоски од смета дека ова е исклучително значаен закон со кој, како што рече, се решава прашањето на вработување на голем број луѓе, кои на одреден начин биле обесправени со тоа што долги години не им бил регулиран работниот однос.

Според него, многу важно е што главен критериум за приоритет при трансформацијата на работниот однос е времетраење на работењето на лицата во институциите, бидејќи како што рече, тоа е најкоректно и најправилно.

Пратеничката Роза Топузова Каревска иако начелно смета дека законот е добар, посочи дека се носи со значајно задоцнување и оти и овој закон, како и секој друг пообен или комплетно нов закон треба да се носи во редовна, а не скратена постапка.

За неа спорна е и одредбата која предвидува главен критериум при приоритетот за трансформацијата на работниот однос да биде времетраењето на работењето во институцијата, бидејќи, како што рече може да се случи приоритет да добие некој понестручен кој има можеби само еден месец повеќе работено од некој кој е постручен и подобро ја извршува својата работа.

На ова реплицираше пратеникот Мукоски кој истакна дека доколку никој не бил стручен и не работел одбро, тогаш работодавачот не би го држел на работа со оглед дека имал можност да не му го обнови договорот со кој бил ангажиран.

Пратениците во претпладневниот дел од 36. седница ја почнаа расправата и по Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители, како резултат на нагласената потреба од понатамошно унапредување и зајакнување на капацитетите на оваа институција.

Донесувањето на законот, како што образложи заменик-министерката за правда Билјана Бошковска-Бришковски подразбира остварување на двете глобални цели кои ќе овозможат квалитет кај судството и обвинителството. Првата е јакнење на независноста и самостојноста на судството и обвинителството особено преку почетната обука за кандидатите за судии и јавни обвинители, како и обезбедување и дефинирање на професионалните и морално – етичките квалитети на кандидатите за судии и јавни обвинители, и втората – зголемување на професионалното, стручното и квалитетното извршување на судиската и обвинителската функција, преку почетната обука и преку постојаното стручно усовршување на судиите и обвинителите во текот на вршењето на функциите.

Со предложените измени се очекува зголемување на квалитетот и ефикасноста при избор на судии и јавни обвинители заснован на резултатите и постигнатиот успех во рамките на почетната обука, како вовед во мерит системот и системот на кариера во професионалниот развој  на судиите и јавните обвинители.

Со новиот Закон се пристапува кон намалување на бројот на членови во Управниот одбор од 13 члена на 9 члена. Се исклучуваат членовите по функција: претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, претседателот на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и јавниот обвинител на Република Македонија. Позицијата на Директорот на Академијата и неговото учество во работата на Управниот одбор е без право на глас, како и досегашното законско решение.

Програмскиот совет, како стручен орган на Академијата во состав од седум члена и нивните заменици, кои ги именува Управниот одбор на Академијата, при утврдувањето на предлог – програмите за примен испит, за завршен испит, за почетна обука, за континуирана обука, за практицирање на судската и јавнообвинителската функција и другите специјализирани програми, покрај од позитивните прописи во Република Македонија, се раководи и од меѓународното право, правото на Европската унија, праксата на Европскиот суд за човекови права и другите меѓународни судови.

Новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинител треба да овозможи напредок во спроведувањето на стратегијата за реформите во правосудството, јакнењето на независноста и самостојноста на судството и обвинителството преку зголемувањето на квалитетот и ефикасноста на системот за избор на судии и јавни обвинители заснован на резултатите и постигнатиот успех во рамките на почетната обука, како вовед во мерит системот и системот на кариера во професионалниот развој на судиите и јавните обвинители и континуираното стручно усовршување на судиите и обвинителите во текот на вршењето на функциите.

Би можело да ве интересира

Катерина Димитровска пратеничка во Собранието на местото на Марија Митева

Собранието доби „глува соба“ за доверливи документи

Катерина Ѓуровски

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки