Седница на Комисијата за труд и социјална политика

Од:

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска ги прифати предлог законите за изменување и дополнување на Законите за работните односи, на Законот за социјалната заштита, на Законот за инспекцијата на труд, како и на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сите во прво читање.

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Маја Стојановска образложи дел од Предлог-законот за работни односи во кој меѓу предложените одредби се дава право на други инспекторати да вршат надзор во случај кога кај работодавачот ќе започнат да ангажираат лица  без дозвола за вработување и без задолжително осигурување.

– Со законот се разработени нормите каде се овозможува и на овие инспекторати да може да ги превземаат сите мерки кои им стојат на располагање во ваква ситуација. Со измените е предвидено инспекциските органи меѓусебно да мораат да соработуваат и разменуваат податоци еднаш месечно и да бидат координирани од еден центар. Со измените се утврдува кој ќе постапува по жалбата во управна постапка против решението на инспекторот и се утврдува дека е задолжително порамнување кое мора да се направи пред да се поднесе пркршочнио барање, појасни Стојановска.

Пратеничката Благородна Бојаџиева ги поддржа измените и посебно го поздрави дополнувањето на членот 170, со кој им се овозможува на бремените жени, родилките кои имаат засновано работен однос на определено време, а работниот однос им престанува за време на породилното отсуство, да добиваат плата од Фондот за здравствено осигурување до истекот на нивното породилно отсуство или отсуство за родителство.

Комисијата ги поддржа предложените измени и дополнувања на Законот за социјалната заштита, меѓу кои се предвидува зголемување на висината на надоместокот за трошоците за сместеното лице и надоместокот за згрижување за 25 проценти, сметано од месец јуни 2015 година. Во овие измени се уредува и рефундирањето на средства платени како данок и царински давачки за набавка на возило за лица со најмалку 80 проценти инвалидност на долните екстремитети, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, контролата на употреба на возилото и враќањето на неосновано примените средства по основ на рефундирање.

Пратеникот Александар Стојковски ги поздрави измените и образложи дека лицата кои досега примаат 5.000 денари за сместено лице со измените ќе примаат вкупно 6.250. Стојковски појасни дека надоместоците за згрижување ќе се покачат за 370 денари, односно вкупно 1870 денари…Додаде дека со овие измени ќе се опфатат 175 згрижувачки семејства кои се згрижуваат 315 лица.

Комисијата на денешната седница ги поддржа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекцијата на труд  како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Целта на овој закон е да го подобри системот на заштита од семејно насилство, преку воведување на обврска за центрите за социјална работа да ги известуваат службените лица во Министерството за внатрешни работи, секогаш кога имаат сознание дека лицето кое врши насилство во семејството поседува огнено оружје, како и да го известат неговиот работодавец доколку тоа лице работи на работно место на кое има пристап или ракува со службено огнено оружје.

Би можело да ве интересира

Катерина Димитровска пратеничка во Собранието на местото на Марија Митева

Собранието доби „глува соба“ за доверливи документи

Катерина Ѓуровски

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки