Европа повторно го открива национализмот

Од:

Стратфор – Остин

Во својот најнов роман, францускиот писател Мишел Улебек дава дискутабилна ситуација: годината е 2022 и Франција се преворила во исламизирана држава, каде на универзитетите се учи Куранот, жените задолжително мораат да бидат забулени и полигамијата е легална. Книгата која предизвика бранувања во Франција беше пуштена во продажба на 7 јануари. Истиот ден, група терористи убија 12 души во редакцијата на францускиот сатиричен неделник Шарли ебдо.

Исто на 7 јануари, германскиот канцелар Ангела Меркел се сретна со британскиот премиер Дејвид Камерон во Лондон. Иако формалниот повод за средбата беше да разговараат за претстојниот на Г-7 форум на високо ниво, двајцата лидери раговараа и за предлогот на Камерон за ограничување на емиграцијата во Европа.

На крајот на истиот ден во Германија се случи друг настан кој не доби таква гласност: група политичари од евроскептичката партија Алтернатива за Германија, се сретна со членови на антиисламистичкото протестно движење Пегида, кое организира масовни протести во Дрезден и помали во други германски градови.

Датумот на четирите настани е чисто совпаѓање, но не и тоа за кое се однесуваат. Се поголем број Европејци сметаат дека луѓето од други култури се закана за нивниот национален идентитет и начин на живот. Појавата на движењето Пегида во Германија, терористичките напади во Париз и неодамнешните напади врз џамии во Шведска, го насочуваат фокусот кон муслиманите.

Но, европскиот страв и недоверба кон „странците“ е далеку поширока појава која ја надминува темата за поврзаноста со исламското насилство. Она што во пракса се случува е дека Европа повторно го открива национализмот.

Гранциите на европските интеграции

По традиција Европа е колевка на национализмот. Од романтичниот национализам во текот на 19-от до тоталитаризмот во 20-от век – Европејците од секогаш се самоопределувале според силното чувство на национална припадност, често поврзано со јазикот, етносот и религијата, и со недовербата кон странците. Посветеноста кон родното место, довербата кон луѓето кои те опкружуваат, и стравот од она кое непознатите можат да ти го создадат тебе и на твојата заедница, е основното човеково чувство. Но, во Европа национализмот се одликува со големи размери на смрт и разурнувања, кои се историски карактеристики за континентот.

Свесни за опасностите од национализмот по Втората светска војна, Европејците се обидоа да ја ослабат националната држава и постепено ја заменија со Европската унија, структура од наднационални институции кои со текот на времето требаше да доведат до наднационален европски идентитет. Идејата постоеше извесно време, особено на економско ниво на кое институциите брзо постигнаа интеграција. Но, во последните неколку години, неколку промени во Европа на светло ги извадија ограничувањата на овој проект.

Првата е економската криза. Во голема мера, просперитетот беше спојот, заедничката ЕУ. Во добри времиња, кога повеќето луѓе имаат работа и децата беа убедени дека ќе живеат подобро од родителите, идејата за напуштање на националниот суверенитет во име на наднационалните институции беше полесна за разбирање.

Но, благосостојбата веќе не е сигурна и мнозинството во Европа почнаа да изразуваат сомнежи кон користа од европскиот проект. Економскиот пад исто доведе до криза на репрезентативноста; се поголем број граѓани веќе не се чуствуваат претставени од традиционалните политички партии, синдикати и од други институции.

Вториот елемент е емиграцијата. Економската криза не го засега еднакво континентот: државите во северна Европа во целина се справуваат подобро од оние на југ. Како прилог на проширувањето на Европската унија по 2000 година, се отворија вратите за емиграција од земјите од поранешниот комунистички блок. Како резултат на тоа, држави како Германија, Обединетото Кралство и Холандија требаше да се справат со емиграцијата од јужноевропските и источноевропските земји.

Покрај ова, економската криза во Европа се совпадна со продлабочувањето на хроничната нестабилност на Блискиот Исток, во Сириија и Ирак. Таа нестабилност доведе до бегалска криза во Европа откако стотици илјади бегалци пристигнуваа на континентот секоја година, а повеќето од нив се муслимани.

Во период на економски тешкотии, луѓето се склони да бараат прости одговори на сложени проблеми и „странците“ вообичаено се најлесната мета. Не е случајно што протесите на Пегида започнаа во Саксонија – една од германските провинции со најниско ниво на имиграција, но со највисока невработеност. Етнички и јазично карактеристични региони вообичаено се понетолерантни кон луѓе со различна културна припадност.

Третиот проблем е интеграцијата. Повеќето европски влади работат според претставата дека имиграцијата може да и помогне на Еврпопската унија да ги намали последиците од стареењето на населението. Но, многу држави се мачат целосно да ги интегрираат новодојденците. Соочувајќи се со пречки како што се строги закони за добивање граѓанство и културните бариери насекаде, многу странци се мачат да се чувствуваат како дома во нивните нови земји на престој. Во некои случаи, таквата ситуација продолжува со децении.

Невработеноста меѓу младите, недостигот од перспектива и социјалната дискриминација се некои од факторите кои доведоа до бунтови во Франција во 2005 година. Една деценија подоцна, всушност нема никаква промена во однос на интеграцијата, економската криза потенцираше некои од структурните проблеми, а исламистички групи како Исламска држава успешно ги користат социјалните мрежи за да ја привлечат западноевропската младина.

Европските граѓани кои се враќаат дома откако се обучиле на Блискиот исток се повеќемината од извршителите на терористички напади во Европа во последно време. По избувнувањето на граѓанската војна во Сирија, повеќе од 550 исламисти ја напуштиле Германија и отишле кон регионот. Малку повеќе од половината од нив имаат германско државјанство.

Француските медиуми неодамна објавија дека околу 400 француски граѓани војуваат во Сирија. Ова е маѓепсан круг при што млади мажи и жени се чувствуваат лишени од правата и дискриминирани, и се свртуваат кон насилието со што само се засилува антиемигрантската и анти-исламската реторика.

Политички системи под притисок

Западноевропските влади се под значаен притисок. Тие треба да се справат со имигранти од помалку развиени држави од ЕУ, и истовремено да ги вдомат новопристигнатите од Медитеранот. Тие истовремено се исправени пред појавата на антиемигрантски партии (од Национален фронт во Франција до Партија за независност на Обединетото Кралство) и пред периодични терористички напади од нивни граѓани кои биле обучени на Блискиот исток.

Многу западноевропски држави треба да ги решат тие проблеми додека се справуваат со економијата во стагнација и со континуирано високата невработеност. Комбинацијата од економски неволји и борбата против имиграцијата е сериозен предизвик за единството на ЕУ.

Националните и локалните власти го оспоруваат Шенгенскиот договор, со кој беа избришани граничните контроли меѓу повеќето земји-членки на ЕУ. Во изминативе месеци дојде до дебати откако германската провинција Баварија ја обвини италијанската Влада дека им дозволува на имигранти (кои според правилата на ЕУ треба да останат во Италија) да ја напуштат земјата и да бараат прибежиште на други места во унијата. Рим побара поголема солидарност од земјите на ЕУ при преземањето на бегалци. Од гледна точка на Баварија, Шенгенскиот договор треба да се напушти. Од италијанска гледна точка, ЕУ не може да ги принудува крајбрежните држави единтвено тие да го преземаат товарот на имигрантите.

Шенгенскиот договор е критикуван и од организации кои тврдат дека недоволната гранична контрола им олеснува на терористите да се движат низ Европската унија откако ќе влезат на нејзина територија. Освен тоа, некои земји се обвинети дека применуваат послаба гранична контрола од другите.

Во последниве месеци, членките на ЕУ разгледуваат начини за подобрување на размената на информации и многу подобра соработка во таа област, кои е невзможно да ги примени секоја земја одделно од потенцијалните закана.

Дури надвор од шенгенскиот простор, принципот за слободно патување на луѓе – една од основите на ЕУ – се поставува под знак прашање. Делумно заради притисок од Партијата за независност на Обединетото Кралство и донекаде заради сопствената идеологија, британската Влада флертува со идејата за воведување на „итни сопирачки“ против имиграцијата во ЕУ.

Германија веднаш го отфрли предлогот и Лондон на крајот се откажа од него. Самиот факт што умерена Влада во клучна европска држава дава такви предлози, всушност е израз на степенот до кој дебатите во ЕУ веќе излегуваат надвор од идеолошките рамки на политичкиот спектар.

По неколку децении на поствоениот наднационализам, Европејците повторно ги прифаќаат националните идентитети. Францизуте се обидоа да започнат разговори во 2009 година кога тогашниот претседател Никола Саркози ја лансираше дискусијата на тема „што значи да си Французин“ – нешто кое веднаш се изроди во дискусии за улогата на муслиманите во земјата. Протестите на Пегида доведоа до жестоки дебати во Германија, земјата која заради историски причини чувствува нелагодност на оваа тема, но исто така смета дека смената на генерациите ги надминува старите табуа.

Демонстрации, поттикнати од Пегида, ќе се случат овој месец и во Австрија и таму може да доведат до полемика. Овие дебати нема да ја одбегнат Европа и ќе ги натераат Европејците да се исправат пред тешки прашања кои тлееле во текот на неколку децении.

Во центарот на тие проблеми е се поголемото противење во врска со глобализацијата, која се разбира како слободно движење на стоки, услуги и најважното – на луѓе. Од италијанските производители на обувки кои не можат да му конкурираат на евтиниот увоз од Кина, до британските работници кои сметаат дека полските емигранти се закана за нивните работни места, многу Европејци мислат дека глобализацијата е закана за начинот на нивниот живот.

Фактот дека ЕУ е основана на принципите на глобализацијата објаснува зошто блокот станува се поразединет и зошто ветувањето за „Соединети европски држави“ никогаш нема да се оствари.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани