Книгоиздателството „Бата прес“ го објави на македонски јазик романот „Ленинград“ од современиот руски писател Игор Вишневецки. Станува збор за документарна повест за длабоките човечки драми во првите месеци од германско-финската опсада на Ленинград (денешен Санкт Петербург), која непрекинато траела 872 дена.
Покрај постојаните бомбардирања и многубројните жртви, жителите страдале и од глад и студ а, како што покажуваат официјалните извештаи, првпат во својата историја рускиот човек се соочил со чести појави на канибализам.
– Литературните критичари ценат дека ова е врвен психолошки роман, маестрален микс на поезија и проза, во кој главните ликови по своите дилеми и карактеристиките личат на главните ликови во романите на Достоевски. Врвните интелектуалци – научници, професори, писатели, лингвисти, музичари, новинари… претходно, по Октомвриската револуција, биле репресирани од руската тајна служба КГБ, биле во постојана дилема „што да се прави“. На многу места трагедијата од романот „Ленинград“ како да потсетува на некои сегашни настани во Источна Европа. Тој е истовремено и едно големо предупредување за денешните и идните генерации дека мора да го зачуваат мирот, информира издавачот.
Авторот Вишневецки за ова дело во 2011 година ја доби високата руска книжевна награда НОС (Нова словесност). Романот досега е преведен на англиски и на други водечки светски јазици, а од руски на македонски го преведе Мирјана Наумовски.
– Тој не е лесно четиво, напишан е во уникатен стил, а за да се проникне во длабоките пораки и предупредувања што извираат од ова уметничко дело, потребно е многу трпение, енциклопедиско знаење, внимателно читање и препрочитување, соопшти „Бата прес“