Новиот претседател на Африканската унија Роберт Мугабе ќе може да патува во ЕУ во официјална посета како носител на функцијата, соопшти на прес конференција портпаролот на Европската служба за надворешно дејствување.
Портпаролот објасни дека патувањето на Мугабе ќе биде можно, наспроти забраната од ЕУ, кога тој патува во својство на официјален претставник на Африканската унија. ЕУ наложи забрана за патување на Мугабе во 2002 година, откако на изборите во Зимбабве не беше дозволен пристап на европски набљудувачи. Слична забрана за патување има и од САД.
Како претседател на Зимбабве, Мугабе успеа наспроти забраната да патува на два пати за Рим во 2005 и 2008 година, соодветно за погребот на Папата Јован Павле Втори и за средба со Организацијата за храна на ОН. Тоа беше можно поради договор меѓу Италија и Ватикан, како и поради непризнавањето на Ватикан на воведените забрани за патување.
Мугабе е на функцијата претседател на Зимбабве од 1980 година и е одговорен за протерување на белото малцинство од земјата, како и за етничко чистење во неговата земја меѓу 1982 и 1985 година, што доведе до околу 20.000 жртви.