Американската дипломатска мисија во Тајланд ја откажа посетата на неколку региони на североистокот на Тајланд. Причината е соопштението од кабинетот на сегашниот премиер генералот Прајут Кан-ока во кое е изразена загрженост и вознемиреност на премиерот поради најавената „истражувачка посета“ на американските дипломати.
Оваа посета. која официјален Бангкок ја смета за непринципиелно мешање во внатрешните работи на државата пред воениот удар била вообичаена пракса.
Политичките релации меѓу САД и Тајланд се заладени по државниот удар што војската го изврши во мај минатата година. Тензиите меѓу двете држави пораснаа кон крајот на минатиот месец при посетатата на помошникот државен секретар на САД за источна Азија и Пацификот Даниел Расел. Тој побара укинување на законот за вонредна состојба во Тајланд, а имаше средба и со сменетата премиерка Јинглук Шинаватра. Тој дел од неговата агенда беше причина генералот Прајут да одбие средба со Расел.
Како своевидна дипломатска порака на Бангкок до Вашингтон е и денешната забрана членовите на Националниот Совет за реформи да ја потпишуваат најавената петиција против политиката на САД кон Тајланд. Според претседателот на овој Совет неговите членови можат да комуницираат со претставници на САД само како приватни личности.