Македонско-француско-бугарската копродукција, филмот „Мајки“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски следната недела ќе биде прикажан во Линколн центарот во Њујорк.
Линколн центарот е дом на Њујоршкиот филмски фестивал и на Метрополитен операта. По проекцијата на филмот, професорката Имелда О’Рајли ќе води интервју со Манчевски како вовед во разговор на авторот со њујоршката публика.
Светска премиера на „Мајки“ беше на фестивалот во Торонто, а европската во престижната програма „Панорама” на Берлинале. Филмот, добитник на седум меѓународни награди, беше и македонски кандидат за Оскар.
„Мајки” беше вброен меѓу 40-те најдобри филмови во Европа од страна на комисија на Европската филмска академија.
Филмот беше претставен и пред публиката на 40-тина фестивали, меѓу кои и: Сао Пауло (Бразил), Истанбул (Турција), Корк (Ирска), Мадеира (Португалија), Минск (Белорусија), Мадрид (Шпанија), Сиракјуз Њујорк (САД), Утрехт (Холандија), Приштина (Косово), Бахамските Острови, Аруба, Златна Роза во Варна (Бугарија), Варшава (Полска), Севиља (Шпанија), Лесковац (Србија), Киев (Украина), Форт Лодердејл (САД), Гоа (Индија), Керала (Индија), ФЕСТ (Белград), итн.
Главните улоги ги толкуваат Ана Стојановска, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Владимир Јачев, Диме Илиев, Димитар Ѓоргиевски, Марина Поп-панкова, Горан Трифуновски,… Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер Дејвид Манс, Костимограф Елизабета Монталдо, монтажер Жаклина Стојчевска, композитор Игор Василев Новоградска, а продуцент Кристина Калас.