ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” е дел од проектот „Младински супер оркестар”, составен од ученици средношколци од музичките училишта во Словенија, Србија и Македонија.
– Ќе бидат изведени композиции од композитори од трите држави. Веќе се испратени двете македонски композиции кои учениците од Словенија и Србија ги подготвуваат – „Тешкото“ од Глигор Смокварски и „Пајдушко“ од Сони Петровски, истакна раководителот на проектот Наташа Малиновска.
Концертите во Словенија и Србија ќе се одржат во Словенечката Филхармонија на 29 март и во големата сала на СКЦ Белград на 30 март, а во Македонија концертот ќе биде во Македонскиот народен театар на 1 април.
Композиција од Србија ќе биде „Голема чочек игра“ од познатиот српски композитор Петар Коњович, додека од Словенија е композицијата „Словенски народни танци“ од композиторот Алојз Среботњак.
Директорот на училиштето Јован Бицевски посочи дека за проектот интерес покажале и неколку општини од каде што потекнуваат учениците, кои можат финансиски да го помогнат нивното учество и да ги покријат нивните трошоци.