Грција треба да се усогласи со Европа, предупреди претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во интервју за францускиот весник „Фигаро“, во врска со плановите на новата грчка Влада да побара отпишување на долговите.
Јункер нагласи дека Европа нема намера да го стори тоа, иако се можни одредени отстапки.
– Ние ги почитуваме резултатите од гласањето во Грција, но и Грција треба да ги почитува останатите, јавното мислење и пратениците во останатиот дел на Европа, нагласи тој, во врска со победата на левичарската партија СИРИЗА на предвремените избори во Грција.
– Некои отстапки се можни, но тие нема фундаментално да го променат, она што досега е постигнато, смета шефот на Еврокомисијата.
Тој нагласи дека не може да стане збор за отпишување на грчкиот долг додавајќи дека другите земји во еврозоната нема да го прифатат тоа.
Јункер изјави дека разговарал со новиот грчки премиер Алексис Ципрас во понедленикот.
– Тој ми кажа дека неговите барања не треба да се сфаќаат како закана, туку како предизвик за Европа. На тоа јас му одговорив дека Европа не е закана за Грција, туку предизвик. Ципрас истакна дека повеќе нема да воведува строги мерки за штедење. Земјите од еврозоната возвраќаат дека нема да има повеќе кредити за Грција, доколку таа не ги почитува своите обврски, истакна Јункер.
Напоменувајќи дека „не е можно напуштање на еврозоната без излегување од ЕУ“, Јункер ја повика Грција да биде конкурентен играч и во двете унии.