Поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Д. Коњаре има забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси.
Забраната за движење, поради свлечиште кај с. Ратавица, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип е се уште во тек.
Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон с. Степанци и с. Суво Грло.
Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента.
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по наместа влажни коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.01.2015 год. започнати се активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.06.2015 год.). Работите се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот.
На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.
Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец А1 Гевгелија – Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.
Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа: од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово, и од с. Лозово преку с. Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Учесниците во сообраќајот треба да се придржуваат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.
На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.
На 19.12.2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила,чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 08 часот до 20 часот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.