Народните избраници ја изгласаа потребата, ги утврдија амандманите на Уставот, но нема кворум да бидат изгласани. Без гласовите на сите пратеници од ДУИ, кворум нема.
Али Ахмети има сериозен проблем со Џевад Адеми, Хазби Лика и Зулфи Адили, но и со потпретседателот на Собранието Рафиз Алити и затоа побарал од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ време за да може да ги убеди четворицата пратеници дека е добро за партијата ако гласаат за уставните измени.
Долгогодишниот најблизок соработник на Ахмети, Џеват Адеми, овој пат му се спротивстави и не го послуша да гласа за промени во Уставот. Според него промени треба, но само во делот за избор на претседател, како што интегративците ветуваа во предизборието.
Дали Ахмети ја губи својата досегашна супериорност во партијата, ќе биде јасно во наредниот период. Но сега за сега не е јасно и дали првиот човек на ДУИ има сила да го исполни ветеното кон ВМРО-ДПМНЕ.
Евроамбасадорот Аиво Орав предупреди дека уставните измени,не треба да се носат без пошироки консултации и во време кога најголемата опозициска партија го бојкотира Собранието.