Револтираните родители упаднаа на состанокот во ОУ „11 октомври“ со цел да се сретнат со директорката со која не можеа да стапат во контакт.
Тие се уште не ги пуштаат децата на училиште, се додека директорката не ги врати двете досегашни одделенски наставнички.
Нив им заврши договорот, а по конкурсот прими нови во четвртокот, без како што тврдат родителите, да се почитува рокот од осум дена за жалба.
– Заврши распустот, прв ден почнавме на училиште и дознавме дека одделенската учителка е преку ноќ сменета. Се сомневаме во легитимноста на изборот. Многу се приврзани децата за сменетата учителка, прогласена е за најдобра во минатата година, и тоа од колегиумот на училипштето. Сега се одржа совет на родители, влеговме непоканети, сите 60 претставници на децата од две паралелки од второ одделение. Прашуваме зошто квалитетот се менува со квантитет, рече родител.
– Натрапнички влеговме на состанокот зашто немавме комуникација, директорката вети дека ќе се обиде да ги врати досегашните учителки, ние сме презадоволни од нив, и бараме да се вратат. Директорката рече дека на новата учителка требало да и се даде шанса зошто десет години не била вработена. Дали новата учителка сега треба на нашите деца да се учи? Досегашната учителка рече директорката не била компетентна. Ако било така, тогаш немаше да работи во два класа во истото училиште, и сега да ја отпуштат? Навистина не е фер, задоволни сме од неа, а нашите деца се истрауматизирани од сето ова, изјави родител.
– Ние се договоривме дека децата нема да ги носиме на училиште, ако до четврток не ги врати досегашните наставнички ќе видиме кои мерки ќе ги преземеме натаму, се закани еден од родителите.
Тие велат дека ова е врв на безобразитето и самоволието, со оглед дека едно од оделенијата добива шеста по ред одделенска наставничка.
Пред два месеци во ОУ „11 Октомври“ беше распишан оглас за избор на нов директор. Членови од Училишниот одбор испратија допис до градоначалникот Андреј Жерновски и до Советот, во кое ги известија за незаконитости и пропусти во постапката за избор.
Покрај пропишаниот начин на одлучување, донесување на одлуките со мнозинство од вкупниот број на членови на Училишниот одбор, што подразбира дека еден член има право на еден глас за еден кандидат, во текот на постапката претседателот на УО, како што посочија дел од членовите, дозволил секој член да гласа за повеќе кандидати, со што вкупниот број на дадени гласови неколку пати го надминал бројот на присутни членови.
Во случајов за кандидатите, од вкупно 9 членови на УО имало по 10 гласови.
Градоначалникот, поради незаконитостите и непочитување на Правилникот, одби да даде предлог за нов директор од двајцата номинирани. По ова, министерот за образование, назначи директор кој сеуште е на таа позиција.
Родителите не ги пуштаат децата на училиште од вчера.