Книгата на Илинденка Петрушева „Само сонот е стварност“ со поднаслов „Од бележникот на еден филмолог“, ќе биде промовирана вечер во киносалата „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Книгата ја издаде Македоника литера, а за неа ќе зборуваат Оливер Белопета и Зоја Бузалковска.
По претставувањето на книгата ќе биде проектиран музичкиот документарен филм „Потрага по шеќерниот човек“ (добитник на Оскар и на БАФТА, како и на уште 37 други награди), како дел на зимското издание на МакеДокс, кој заедно со МКЦ е соорганизатор на промоцијата. Токму во МКЦ Илинденка Петрушева ја почнала својата филмолошка кариера.
Во книгата „Само сонот е стварност“, која е структурирана во шест целини со филмолошки студии, есеи и филмски рецензии, Петрушева пишува за историските, естетските и феноменолошките аспекти на филмот, при што како проучувач на филмот се занимава и со неговата историја. Освен како педантен и префинет филмски критичар, таа на есеизиран и вдахновен начин обработува одредени историски процеси и естетски тенденции на филмската уметност во светот и во Македонија, збогатувајќи ја книгата со мноштво сознанија и историографски податоци.
Илинденка Петрушева (1944) е филмски критичар, филмолог, истражувач на филмската историја. Во почетокот на 70-тите години започнува редовно да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во домашни и странски списанија. Работела на капитални истражувачки проекти од историјата на македонската кинематографија. Главен и одговорен уредник е на списанието Кинопис.
Учествувала на многу домашни и странски научни симпозиуми. Соработувала во изготвувањето на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб, на Македонската енциклопедија на МАНУ и на повеќе енциклопедиски изданија на издавачот „Детска радост“.
Автор е на книгите: Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, 1991), Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Киносојуз на Македонија, 2001), Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи (Македонска реч, 2005) и Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 (Кинотека на Македонија, 2011).