Аргентинскиот новинар Дамиан Пачтер, кој прв соопшти за смртта на специјалниот иследник Алберто Нисман, побегна од земјата стравувајќи за својата безбедност.
Веста за бегството ја соопшти самиот новинар кој пишуваше за локалниот весник „Буенос Аирес Хералд“.
– Заминувам бидејќи мојот живот е во опасност, објави Пачтар на интернет страницата на една аргенитинска новинска агенција, тврдејќи дека неговиот телефон бил постојано прислушуван.
Во своето соопштение, новинарот вели дека ќе се врати во земјата, кога неговите пријатели ќе го известат дека условите во Аргентина се промениле.
Нисман беше најден мртов во својот стан во Буенос Аирес, пред една недела, на само десетина часови пред да се појави како сведок пред Комисијата за безбедност на аргентинскиот Конгрес (Парламентот). Иследникот Нисман требаше да сведочи за заклучоците од неговата истрага,содржани на околу 300 страници.
Неколку денови пред сведочењето, Нисман во едно интервју во врска со истрагата, ги обвини арегентинската претседателка Кристина Кирхнер и министерот за надворешни работи Хектор Тимерман дека прават заговор за да се прикрие одговорноста на Иран за терористичкиот напад од 1994 година врз Еврејскиот културен центар во Буенос Аирес.
Во нападот за кој се обвинува проиранската група Хезболах,беа убиени 85 лица,а други 200 беа ранети. Иран ги отфрла обвинувањта за вмешаност во терористичкиот напад, а Нисман кој десет години го испитуваше случајот, ги обвини претседателката и министерот Тимерман дека сакаат да се сокрие иранската вмешаност за да може да се реализира крупна бизнис зделка со Иран.
По откривањето на мртвото тело на истражителот, полицијата и обвинителството тврдеа дека Нисман се самоубил, иако не можеше да се посочи мотив зашто би го направил тоа.Неговите пријатели, како и членовите на парламенарната Комисија сигнализираа дека нема основа за самоубиство, бидејќи во деновите пред тоа,биле постојани во контакт со него,а тој на никаков начин не покажувал дека би можел да си го одземе животот.
Некои од луѓето блиску до Нисман открија дека тој се пожалил дека прима закани пред сведочењето.
Пресврт настана кога претседателката Кирхнер изјави дека не верува во можноста за самоубиство. Истрагата тогаш откри дека на рацете од истражителот не се најдени траги од барут, што укажува дека тој не пукал од пиштолот, со кој се тврдеше дека се самоубил.
Мистериозната смрт на Нисман предизвика протести ширум Аргентина, а демонстрантите ја обвинуваа власта за „убиството“ и бараа правда за истражителот, но и за жртвите на терористичкиот напад.
Припадниците на бројната аргентинска еврејска заедница тврдат дека живеат во постојан страв и дека се плашат оти може одново да бидат цел на напад. Претставници на заедницата изјавија за Си-Ен-Ен дека смрта на Нисман ја сметаат за нов напад врз аргентинските Евреи, ист како оној од пред 20 години.