Штрајкот на просветните работници продолжува и денеска. Околу 20 илјади матуранти полагаат екстерно тестирање. Според Јаким Неделков, првиот човек на СОНК, и покрај притисоците и заканите, наставниците и професорите кои штрајкуваат не го спроведуваат екстерното тестирање, а на нивно место се донесени заменски наставници.
Тој вели дека нема информации кои ги ангажира заменските наставници, бидејќи се’ се одвива зад затворени врати.
-Во училиштата каде што има наши штрајкувачи, а кои се во тие работни комисии, не го одржуваат екстерното тестирање и тие си продолжуваат со штрајкот, а на нивно место се донесени заменски тестатори, вели Неделков.
На прес-конференцијата во петокот Неделков соопшти дека наставниците што штрајкуваат нема да го спроведат екстерното тестирање за матурантите, иако врз нив директорите вршат притисок и им се закануваат со откази.
Инаку, попладнево во Македонија треба да пристигне Мартин Ромер од Европскиот синдикат за образование, кој треба да се сретне со шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав. Неизвесно е дали ќе се стретне и со министерот Адеми, кои веќе две недели го игнорира штрајкот на наставниците и професорите.