Пласманот во четвртфиналето на СП во Катар, останува главната цел за ракометната репрезентација на Македонија, потенцира Дејан Манасков еден од најдобрите стрелци во нашата селекција.
– Нашата цел останува иста, да минеме во четвртфиналето, а со тоа да се избориме за можност за настап на Олимписките игри, изјави Манасков кој на мечот со Австрија постигна четири гола.
За остварување на целта, Манасков смета дека, тој и неговите репрезентативни колеги, ќе треба добро да се потрудат во дуелот со силната репрезентација на Словенија, која иако заврши четврто пласирана во својата група, сепак со прикажаното на Мундијалот покажа дека е силен тим.
-Словенија е силен тим. Тие се за 20-30 отсто подобра репрезентација од Австрија. Нема да биде ни малку лесно. Сепак имаме ден одмор и време добро да ги анализираме Словенците. Психички да се подготвиме, но и физички да одмориме, а потоа в недела да дадеме максимум од себе и уште еднаш да ја израдуваме македонската јавност, истакна Манасков.