Папата Бенедикт 16 даде поддршка на Декретот на католичката црква на Албанија за бришење на католичките верници од верата, ако убијат или извршат крвна одмазда.
Папата, според медиумите во Тирана, оваа мерка на Католичката црква на Скадар, ја оценил како мошне значајна за искоренувањето на крвната одмазда која во Албанија е мошне присутна.
Поддршката на Папата доаѓа две недели по донесениот Декрет од страна на Католичката црква во Албанија, а медиумите ја оценуваат како мошне значаен момент за намалување на крвната одмазда во земјата.
И албанскиот премиер Сали Бериша денеска изјави дека Декретот на католичката црква е историска одлука во однос на прекинувањето на крвната одмазда во Албанија.
Крвната одмазда во Албанија која целосно беше прекината во системот на Енвер Хоџа , во процесите на транзиција добива загрижувачки димензии.
Голем број од убиствата во Албанија се поради крвна одмазда, а стотици Албанци особено во северниот дел од земјата остануваа затворени во своите домови поради страв од крвна одмазда.