Во Неготино во тек е реновирањето на црквата „Свети Атанасиј” која постои од 1837 година. Реновиран е внатрешниот дел, сменети се прозорците и фасадата, а во моментот се цртаат фреските. Ќе се постави и нов иконостас кој е во изработка.
– Со благослов на неговото високо преосвештенство-митрополитот Повардарски господин Агатангел, после повеќе од 3 децении комплетно се реконстриура црквата „Свети Атанасиј“ во Неготино. Работите започнаа во мај и се одвиваат со финансиски средства обезбедени од Повардарската епархија, донации од фирми и граѓани, вели отец Сарафче Иванов.
Отец Иванов појаснува дека досега се завршени работите на надворешниот дел и тоа комплетно е променета кровната конструкција со поставена изолација, поставена е нова фасада на целиот објект, заменета е и целата столарија. Во вантрешниот дел, информира, извршено е малтерисување и глетување, заменета е старата и дотраена и поставена нова електрична инсталација, поставено е и парно греење. Фрескоживопишувањето го изведуваат зоографи од тајфата Александарски од Велес.
Комплетното внатрешно и надворешно реновирање се очекува да заврши крајот на годинава, а дотогаш богослужбите ќе се извршуваат во манастирот „Свети Ѓорѓи“.