На официјалната прес-конференција говореше нашиот најдобар поединец на мечот со Хрватска, Борко Ристовски. Убаво беше надмудрувањето со неговиот колега Мирко Алиловиќ, во кое благодарение на второто полувреме славеа „коцкестите“ Сепак голманот на Кретеј верува дека Македонија ќе се врати и ќе биде онаа вистинската против Австрија:
„Влеговме во овој меч со цел да се обидеме да ја добиеме Хрватска. Го отворивме натпреварот како што треба, во еден момент тие беа тотално немоќни. Но мислам дека паднавме малку физички, па до израз дојде нивното искуство и квалитет. Немаме време за тагување, не чека нов натпревар кој е многу поважен од овој, кој би ни го донел второто место во групата. Големите натпреварувања се големи токму поради пеколниот ритам, па затоа мораме да останеме сите заедно сконцентрирани на нашата цел, да одиграме поквалитетно против Австрија, а потоа и да славиме во осминафиналето“, имаше јасни идеи нашиот прв голман, кој против Хрватска имаше одлично издание, посебно во првото полувреме како и целиот тим.
На крајот и Алиловиќ и Ристовски имаа по 13 интервенции, во меч во кој сепак имаше голем број на голови за цврстината на одбраните кои ги играат двете селекции.