Под силени притисоци, во присуство на просветни инспектори и списоци со имиња и презимиња на тие што штрајкуваат, се одвива вториот ден на штрајкот на наставниците во дел од основните и средните училишта.
Опструкциите се засилуваат, велат од СОНК. Во дел од училиштата веќе се ангажирани и заменски наставници на местата на оние кои штрајкуваат.
– Се доведуваат заменски наставници, се повикуваат дел од штрајкувачите, посебно еден по еден во директорските канцаларии. Од изјави на наши колеги членови со солзи во очите дознавме дека биле присилени да ги земат дневниците и да влезат на час, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Тој, во изјава за медиумите тврди дека целта на силните притисоци врз наставниците и со носење на штрајхбрекери кои предаваат во две смени, на местото на членовите на СОНК кои штрајкуваат, е да се уништи синдикатот, за да нема кој да се бори за правата на работниците.
Според СОНК и покрај притисоците, штрајкот се шири низ се’ повеќе училишта во земјата.