Со победата над Иран ракометната селекција на Австрија останува во трка за втората позиција на табелата во Б групата во која настапува и Македонија на Светското првенство во Катар.
Во првиот меч од 4.коло во „Б“ конкуренцијата, селекцијата на Австрија попладнево го совлада Иран со 38:26 и со двата нови бода, вкупно 5, остануваат на 3.место на табелата, со бод помалку од нашата и хрватската репрезентација.
Сепак Австријците ќе мора да го чекаат исходот од дуелот меѓу Македонија и Хрватска, кој започнува од 17 часот, па дури тогаш да калкулираат дали можат да завршат како второ пласирани.
Во истиот термин од 17 часот, покрај мечот Македонија – Хрватска ќе се игра и натпреварот меѓу БиХ и Тунис, како и средбата од А групата меѓу домаќинот Катар и актуелниот светски шампион Шпанија.
Во „А“ групата веќе се одиграа два натпревари во кои, Словенија го победи Бразил со 35:32, а Белорусија беше подобра од Чиле со 34:23.