Едвард Сноуден тврди дека кинески шпиони украле податоци за авионот ловец Ф-35 на компанијата „Локид Мартин“, додека воени експерти претпоставуваат дека Пекинг ги искористил информациите за развој на последните генерации на своите борбени авиони.
Доказите за сајбер шпионажата и кражбата на податоци Сноуден ги доставил на германскиот магазин „Шпигел“, а како што пренесе „Сиднеј морнинг хералд“ австралиската влада е свесна за можните „штетни последици“ од овој напад.
Кинезите наводно украле 50 терабајти податоци, меѓу кои и детален шематски приказ на моторите, информации за системите за ладење на издувните гасови и начинот на кој ловецот ги бара целите.
Минатата година австралискиот премиер Тони Абот изјави дека Австралија ќе купи уште 58 ловци Ф-35 по цена од околу 12 милијарди долари.
-Авионите од петтата генерација на Ф-35 се најсовремени ловци на светот и значајно ќе придонесат за нашата национална безбедност-изјави тогаш Абот.
Е. Г.