ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА се солидаризира со повикот на ЗДРУЖЕНИЕТО НА НОВИНАРИ НА МАКЕДОНИЈА за протест против последната пресуда за новинарот Томислав Кежаровски и постапката за експресно издржување на затворската казна.
Затоа, не преку фејсбук статуси или „округли“ изјави, туку директно и непосредно, ги повикувам не само нашите членови и симпатизери, туку и сите демократски определени граѓани, да излезат на најавениот протест.
Ова е наша обврска. Во минатиот состав, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА на Собранието му предложи закон за амнестија на Кежаровски, но таа единствена можност не доби широка поддршка не само од власта, туку и од некои тогашни опозициски пратеници. И тогаш и сега, тврдиме дека новинар не може да биде осуден и затворен за истражувачко новинарство.
Да бидеме доследни и истрајни во барањето механизми за ослободување на Кежаровски и да ја поддржиме слободата на изразувањето и новинарската фела.