Многу важен елемент по мечот со Иран е тоа што нашите ракометари се свесни дека беа далеку од своето издание и на нивните лица можеше да се види резервирана среќа.
Податокот дека победата е остварена со ни 50% од своите можности, премногу технички грешки и конфузија, може да биде колку лош, толку и добар предзнак. Ако не можеме да победуваме како големите сили, кои за вакви натпревари не се испотуваат, тогаш барем да ја научиме лекцијата. Токму овој вид на заклучок можеше да се прочита од зборовите на Миркуловски, кој делува зрело и многу, многу солидно:
„Втор пат по ред на светско првенство отвораме со две победи, но мислам дека овој пат победивме селекција која е кандидат за висок пласман како Тунис. Сепак треба да бидеме задоволни од првиот ден, од вториот не баш. Алудиравме да не потценуваме ниту еден противник, но сепак мислам дека не влеговме мотивирано како што треба. Посебно одбраната потфрливме. Добро е што дојде ваков лош ден на мечот со Иран. Имаме слободен ден, добро да се одмориме, да тренираме и да влеземе како што треба во понеделник на мечот со Босна и Херцеговина“, заврши самокритичниот Филип Миркуловски, кој играше од финишот на првиот дел и во поголемиот дел од второто полувреме.