Шпанскиот Врховен суд го прифати случајот на една Белгијака, која тврди дека е вонбрачна ќерка на поранешниот шпански крал Хуан Карлос.
Ингрид Сартио во пријавата до Судот вели дека нејзината мајка имала љубовна афера со поранешниот крал во шеесетите години на 20 век, кога Хуан Карлос се уште не беше седнат на престолот, но бил оженет.
Хуан Карлос, кој сега има 77 години, во рок од 20 дена треба да изјасни околу пријавата на Ингрид Сартио, која е родена во 1966 година.
Судот може да нареди тест за потврда или за отфрлање на тужбата околу татковството, но може дури и да го повика поранешниот крал на сослушување затоа што тој загуби судскиот имунитет со повлекувањето од шпанскиот престол.
Кралската палата во Мадрид одби да реагира на одлуката на Врховниот суд, објаснувајќи само дека верува во независноста на судот.
Хуан Карлос како припадник на династијата Бурбони, беше шпански принц во времето на диктатурата на генералот Франсиско Франко, кога малкумина веруваа дека ќе дојде до обнова на шпанската монархија, а младиот принц ќе стане крал.
Во тоа време тој веќе беше оженет со грчката принцеза Софија, сестра на неговиот добар пријател, последниот грчки крал Константин. Непосредно пред смрта, Франко го именува Карлос за свој наследник и тој во 1975 година стана крал на Шпанија.
На почетокот примен со неверување, тој стана популарен и омилен кај Шпанците, обезбедувајќи враќање на демократијата во земјата, помагајќи во помирувањето по Граѓанската војна во триесетите години на 20 век и во зауздувањето на сепаратизмот.
Остана на престолот 39 години се до јуни минатата година, кога абдицираше во полза на својот син принцот Филипе.
Во последните години од свето владеење, Карлос го наруши својот углед на еден од најомилените монарси во Европа, откако во медиумите беше откриено дека бил неверен во бракот и дека имал бројни љубовни афери за кои знаела кралицата Софија.
Кралот мораше дури и да и се извини на шпанската јавност, кога беше објавено дека бил на лов на слонови во Африка, во време на тешката финансиска криза во Шпанија.