Во притока на реката Ганг, на северот од Индија, пронајдени се тела на 102 лица, меѓу кои има и многу деца, за кои индиските власти истражуваат како се нашле во реката.
Како што пренесуваат американските медиуми, властите не се сомневаат во злосторство, туку за обичајот во Индија немажените девојки и девојчиња да не се кремираат, туку да се погребуваат во вода, како и за тоа дека многу сиромашни луѓе не можат да обезбедат кремирање, што инаку е вообичаен начин за изведување на погребните обичаи во оваа земја.
Судија од судот во округот Унао, Саума Агарвал, изјави дека телата биле во премногу лоша состојба за да можат да се идентификуваат или врз нив да се изврши обдукција, но во моментов се изведуваат ДНК тестови за да се утврди од каде потекнуваат.
Селани вчера први ги забележале телата, кои пловеле долж речниот брег, а во нивна близина имало многу кучиња и лешинари.
Милиони Хиндуси во Индија го практикуваат кремирањето на отворено, по што пепелта на починатите се фрла во светите, но многу загадени реки.