Марш во чест на убиените новинари и на другите жртви во масакрот во просториите на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во Париз организира денеска Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Собирот е инициран по повикот на Меѓународната федерација на новинари, Европската федерација на новинари, на француските новинарски синдикати, како и на бројни синдикати на новинари од Европа, кои ги повикаа сите колеги масовно денеска во исто време, во 15 часот, да учествуваат на маршот во чест на убиените новинари и на другите жртви во масакрот во „Шарли Ебдо“.
Маршот ќе започне од Паркот на новинарите (спроти зградата на некогашната НИП Нова Македонија) во 15 часот, а ќе заврши пред Француската амбасада во Скопје. ССНМ ја повикува новинарската фела и граѓаните да дојдат во Паркот на новинарите каде ќе можат да остават пораки со поддршка до колегите од Франција, а потоа да маршираат до Француската амбасада.