Најмалку 371 лица загинаа, а речиси 4,5 милиони се погодени од поплавите ова лето во Пакистан, особено на југот од земјата, соопшти денеска Националната служба за управување со природни катастрофи (NDMA).
Пакистан веќе беше зафатен со поплави во текот на претходните две лета, а во 2010 година беа најголемите поплави во неговата историја, кога беа погодени 21 милиони луѓе ,а штетата достигна 10 милијарди долари.
Како и во претходните две години и сега најпогодена е јужната провинција Синд со своите 2,8 милиони жители, наведува NDMA. Во југозападната провинција Балучистан погодени се 705.000, а во централен Пенџаб 887.000 жители.
Поплавите оваа година започнаа на почетокот на септември. Тогаш загинаа речиси 80 луѓе, а десетици беа повредени во само неколку дена, особено во провинцијата Хајбер-Пахтунва, во северозападниот дел, која се граничи со Авганистан и во пакистански Кашмир на североистокот.