Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека услов за членство на Србија во Европската унија „не смее да биде откажување од Косово и Метохија“, потенцирајќи дека посакува Србија да биде дел од ЕУ.
– Мојот став е јасен и апсолутно непроменет – ние треба да бидеме во ЕУ, но и во Унијата треба да влеземе горди. Мој став е дека услов за влез во Унијата не смее да биде откажувањето од Косово. Тоа на ЕУ и е толку јасно, што цело време зборуваат дека никој од нас тоа и не го бара, изјави синоќа Николиќ.
Но тој потенцираше дека новиот состав на Европската комисија настапил многу поостро, поотворено за своите барања, ја пренесува Танјуг изјавата на Николиќ за Хепи ТВ.
– Значи, тие не велат – ние од вас не бараме да ја признаете независноста на Косово и Метохија, туку го зборуваат она што го соопшти германскиот парламент пред две години – за да станете член на ЕУ ќе морате да донесете потпишан договор за добрососедски односи со Косово, во кој ќе бидат дефинирани сите ваши односи, рече Николиќ, дополнувајќи дека тоа во суштина е истото.
– Ако приштина не сака да го потпише тој договор, како ќе станеме член на ЕУ. А зошто не сака да потпише – затоа што не ја признаваме независноста на Косово, нагласи српскиот претседател, дополнувајќи дека така ќе се вратат во круг.