Кипар денеска ја предупреди Турција дека ако повторно навлезе во економската зона, каде Никозија има дадено дозволи за истражување, нема да има шанса за обновување на мировните преговори, кои се водат со посредство на Обединетите нации, објави „Хуриет дејли њуз“.
Портпаролот на кипарската Влада Никос Христодулидис изјави дека слична акција ќе биде вознемирувачка и само „ќе ја потврди причината да не се вратиме на преговорите“.
– Слична акција … би испратила негативен сигнал до меѓународната заедница за можноста за обновување на преговорите, посочи Христодулидис.
Кипар во октомври ги прекина мировните преговори за обединување на Островот, откако Турција го испрати истражувачкиот брод „Барбарос“ во близина на брегот на Кипар, барајќи нафта и гас.
Кипарските турски медиуми тврдат дека Турција е подготвена повторно да го испрати бродот „Барбарос“ на 5. јануари.