Електроснабдувањето полека се нормализира, критичен Реканскиот крај

Од:

Состојбата со електроснабдувањето во регионите каде имаше прекин поради интензивните снежни врнежи и силниот ветер полека се нормализира, соопшти ЕВН.

Сообраќајот на сите државни патишта, според утринскиот извештај на АМСМ,  и понатаму се одвива отежнато и во зимски услови, со остатоци од снег по коловозите. Поради ниските температури во утринските часови се забележува појава на голомразица. Забрани за движење на камиони има на неколку патни правци и планински превои.

Според ЕВН Македонија, отстранети се дефектите на двете 35 киловатни врски од Струга кон Суво поле од каде што со електричната енергија се напојуваат Вевчани, Велешта и околните села, а отстранет е и дефектот на 35 киловатната трафостаница со што нормализирано е снабдувањето со електрична енергија на повеќе населени места кај Лабуништа.

Состојбата се нормализира и во охридскиот регион. Оспособени се 10 киловатниот и 35 киловатниот далновод на потегот кон Градиште со што корисниците од овој регион имаат струја.

ЕВН информира дека критични точки во снабдувањето сеуште има во струшкиот и дебарскиот регион каде интензивно се работи на отстранување на дефектите.

– Во струшкиот регион на потегот околу Луково и Јабланица столбовите се тешко пристапни, и екипите на ЕВН тешко се пробиваат до нив, но и вечерва и утре ќе се оди со засилени снимања на теренот и ќе се работи на тоа да се нормализира снабдувањето, велат од ЕВН.

Најкритични се селата во Реканскиот крај на потегот од Жировница до Бошков мост каде комплетно е уништена дистрибутивната мрежа. Таму се прави нова врска и е подигнат нов далекувод од 12 столба, но двата затегнувачки столба кои ја прават врската преку Дебарско езеро се урнати од ветрот и снегот и заедно со проводникот се во езерото. Ваквата состојба, велат од ЕВН, дополнително ги отежнува оперативните работи на терен.

– За да се најде решение во најбрз рок, се изготвува сосема ново техничко решение и со засилени екипи ќе се реализира ова ново решение кое е привремено додека да се смири лошото време и не се оспособи 35 кВ далекувод, информира ЕВН.

Нивните екипи се поддршка од МВР со санки прават увид на местата каде што има проблеми во снабдувањето.

Од ЕВН истакнуваат дека како се расчистуваат патиштата до енергетските објекти, така се отстрануваат дефектите и апелираат до граѓаните да не се впуштаат во санирање на состојбите на своја рака бидејќи тоа може да ги доведе во голема опасност.

Автомотосојузот на Македонија соопштува дека се во сила забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – крак Маврово – Дебар – Струга и на планинските премини Стража, Буково и Пресека. Забраната за движење на планинскиот премин Пресека важи и за автобуси.

Патниот правец Кичево-Охрид-Кичево беше во прекин за сите видови моторни возила ноќеска од 23 часот до 2 часот изутрината. Возилата кои сообраќаа од Охрид кон Скопје се пренасочуваа на патниот правец Охрид-Ресен-Битол-Демир Хисар-Кичево, а пренасочувањето на оние кои сообраќаа од Скопје кон Охрид беше на патниот правец Кичево-Демир Хисар-Битола-Охрид.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Би можело да ве интересира

Во дел од штипските населби проблеми со снабдувањето со струјата

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски