Летонија денеска го презема од Италија претседавањето со ЕУ, а како приоритети ги наведе зголемувањето на конкурентноста и заложбата за енергетска независност на Унијата.
Летонската премиерка Лајмдота Страујума на неодамнешната средба со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Рига истакна дека ќе работи интензивно со земјите-членки и Европарламентот, со цел во следните шест месеци да бидат усвоени закони со кои ќе се зајакне европската економија и ќе се поттикне отворање на нови работни места.
– Посебно внимание ќе посветиме на развојот на концептот на ЕУ и јакнење на енергетската независност и внатрешниот пазар, нагласи Страујума.
Летонија во текот на подготовките за претседавање, една и пол година обучувала повеќе од илјада службеници во јавната администрација за основите на функционирањето на Унијата и начинот на кој во Брисел се носат политичките одлуки.
Следен претседавач на Унијата ќе биде Луксембурк, од 1 јули 2015 година.