Членовите на клубот за уметничко лизгање во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се вратија со злато од меѓународниот турнир во Нови Сад.
Ксенија Јестшењски Симиќ, тренер на клубот по уметничко лизгање истакна дека иако ова е второ натпреварување во историјата на уметничко лизгање во Македонија децата од судиите добиле големи пофалби за резултатите, трудот и нивната желба за напредок.
– Ова беше само второ натпреварување во историјата на уметничкото лизгање како нов спорт во Република Македонија, и секако треба да бидеме навистина горди на резултатите кои ги постигнуваме, со оглед на фактот што овие деца само втора година тренираат на вистински мраз, изјави Јестшењски Симиќ.
На меѓународниот натпревар во уметничко лизгање, кое се оддржа на 26-ти декември во Нови Сад, Република Србија учествуваа 11 натпреварувачи од Македонија. Најдобар резултат оствари Јан Стојановски, кој од Нови Сад се враќа со златен медал во категорија Кадети Б, додека Лана Нацев и Нина Стрезовска се закитија со две одлични 4-ти места, во категориите Кадетки Ц и Интерпретација А.
Во категоријата кадетки Ц се и Мери Тасовска 6-то и Деана Прилепчанска 7-мо место. Кадетки Б, Јана Куковска 11-то и Ана Блајер 12-то место. Кадетки А, Ангела Прилепчанска 8-мо, Миа Николовска 9-то и Георгина Стефановска 12-то место и во категорија интерпретација А Моника Пижевска со освоено 7-мо место.