Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 29-тата седница со 65 гласа „за“ и 11 гласа „за“ од припадниците на немнозинските заедници го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство.
Со измените се предлагаат соодветни решенија за попрецизно дефинирање на поимите, пропишување нови мерки во вршењето на непосредната заштита, пропишување одредби за раководење на Управата, одредби за контрола на работењето на субјектите во областа на заштитата на културното наследство и нови прекршочни мерки.
Со 72 гласа „за“ и 15 гласа „за“ од пратениците од немнозинските заедници Собранието го донесе и дополнетиот Закон за издавачка дејност, чии дополнувања се во насока на создавање правна рамка која нуди решенија со кои ќе се придонесе кон унапредување на издавачката дејност во Република Македонија..
– Целта на предложениот Закон е пропишување нормативни основи за поттикнување и развој на издавачката дејност во Република Македонија. Со него се дефинираат најосновните стандарди во вршењето на издавачката дејност во Република Македонија, соодветни на стандардите кои постојат во земјите во Европа, рече пратеничката Силвана Бонева.
Таа посочи дека со дополнувањата се врши унапредување на издавачката дејност, на печатењето и на достапноста на публикациите до читателите.
– Законот се засновува врз начелата на заштита на правата на авторите и слобода на творештвото, рече Бонева.
Собранието со 63 гласа „за“ и 1 „против“ го донесе и Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната во кој како што рече Влатко Ѓорчев се вградени и забелешките на адвокатите и Адвокатската комора за одмерување на манадатот и олеснувачките околности.
Без расправа со 66 гласа „за“ и еден „против“ Собранието го донесе и Законот за зименување и дополнување на Кривичниот законик.