Објавена книгата „Македонскиот 19 век“ од Горан Калоѓера

Од:

Научната монографија „Македонскиот 19 век“ од еминентниот македонист од Хрватска, Горан Калоѓера, изелзе деновиве од печат во издание на „Македоника литера“ од Скопје.

Книгата, која е во превод од хрватски јазик на Славчо Ковилоски, првпат беше објавена во Риека во 2011 година. Во делото академик Калоѓера низ четири поглавја ги проучува културата и литературата во 19 век во Македонија. Пишува за школството, за јазичното прашање, за печатниците, библиотеките, читалниците, музичкиот живот, за 20-ина автори, меѓу кои се и браќата Миладиновци, Григор Прличев, Јордан Хаџи Констан­тинов Џинот, Рајко Жинзифов, Крсте Петков Мисирков, Кузман Шапкарев, Парте­ниј Зографски, браќата Петкович.

Во овој научен труд се проследени: геополитичката состојба, стопанските и политичките услови, школството, прашањето за јазикот, библиотеките, читалиштата, музичкиот живот, туѓите пропаганди, резултатите од првиот преродбенски период, книжевната дејност, потрагата по националниот идентитет, елинизмот и егзархиската пропаганда, пробугарската ориентација на дел од македонската популација, борбата на Македонците против Цариградската патријаршија, меценската дејност на трговските фамилии, националното будење на македонските градови и општини, судирите со Бугарската егзархија, унијатското движење, револуционерните движења, поддршката на академските кругови на македонското прашање, обидот за обнова на Охридската архиепископија, сепаратистите, врховистите, предилинденскиот период, народното и книжевното творештво, низата книжевници,  учебникари и револуционери.

Валентина Миронска Христовска во поговорот на книгата пишува дека Калоѓера сумирано ги проследил клучните настани, процеси и личности од 19 век, векот во кој се вплеткани двата конца на македонската песна: црвениот – преродбата и црниот – отворањето на македонското прашање.

– Тоа се, всушност, нашите две судбински нешта, бидејќи од нив, од една страна, извираат најдиректните потврди за македонскиот идентитет, а од друга, тие сè уште се предмет на оспорувања од нашите соседи. Па токму поради тоа, поради комплексноста на овој период, го издвојувам местото на оваа книга која го потврдува ангажманот на македонистот Горан Калоѓера, од немакедонско потекло, што така посветено се занимава со овој период, при што цврсто и јасно го застапува македонското гледиште од и за 19 век, вели Христовска.

Васил Тоциновски во рецензијата за книгата вели дека е ретка и несекојдневна, бидејќи по својот концепт е вистинска историја на македонскиот 19 век.

– Периодот на 19 век во Македонија, пишува Калоѓера, отсекогаш сум го сметал за најживописниот, најдинамичниот и најбруталниот период во историјата на македонскиот народ. Токму поради тоа му посветив и најмногу внимание како книжевен историчар, осврнувајќи се во своите дела и книги на некои од најинтересните личности од овој период, вклучувајќи ја и нивната книжевна работа… Овој период е од витална важност за опстојувањето на Македонците како народ и … најважните потези по прашањето на црковната автономија, решавањето на јазичното прашање, националната освестеност, културното и книжевно дејствување, вклучувајќи ги и движењата за организирано востание против Турците, почнале да се случуваат токму во 19 век, вели Тоциновски.

Горан Калоѓера во своето научно дело дава висока оценка за македонските автори и интелектуалци од 19 век.

– Во Македонија, за жал, недоволно храбро се проучуваат и се вреднуваат книжевните автори од 19 век. Сите значајни работи што се случиле подоцна водат корени токму од овој период. Токму затоа треба да се каже дека луѓето кои работеле, пишувале во 19 век, не биле полуписмени, безначајни учители, туку врвни интелек­туалци на своето време. Тогаш, исто како што француските, англиските и руските автори пишувале патописи, новели, романи, истите тие форми биле реализирани и од македонските автори во 19 век. Навистина, не на македонски литературен јазик, кој подоцна бил нормиран, но на говорот што бил користен во Македонија, пишува Калоѓера.

Горан Калоѓера (1951, Дубровник – Хрватска) е книжевен историчар, професор на Филолошкиот факултет во Риека. Тој е раководител на Катедрата за македонски јазик при тој факултет, а е основач на лекторатот по македонски јазик во Риека. Бил декан на Педагошкиот и на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Надворешен член е на Македонската академија на науките и уметностите и надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија. Тој е почесен конзул на Република Македонија во Хрватска и почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Добит­ник е на повеќе награди и признанија, од кои неколку доделени во Република Македонија. Меѓу другите, добитник е на медалот за заслуга за Македонија, на медалот „Свети Климент Охридски“, како и на Почесното Рациново признание за ширење на македонската култура и лите­ратура надвор од границите на земјата.

Калоѓера е меѓу најзначајните македо­нисти во светот, посебно во областа на литературата, автор е на триесетина дела, од кои половината се поврзани со Македонија. Неговите книги се од подрачјата на хрватската и македонската книжевност, а на македонски јазик му се преведени книгите „Браќата Миладиновци – легенда и стварност“ и „Хрватско-македонски литературни врски“. Автор е и на преку стотина научни трудови.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска