Во издание на „Македоника литера“ и „Македонска реч“ од Скопје деновиве од печат излезе монографијата „Создавањето на современата македонска држава“ од авторите Владо Поповски, Ванчо Ѓорѓиев, Зоран Тодоровски и Виолета Ачкоска.
Поповски пишува за борбата за создавање македонска држава во периодот на Источната криза, односно од Разловечкото и Кресненското востание до појавата на организираното македонско револуционерно движење.
Ѓорѓиев пишува за борбата за автономија на Македонија и за создавање македонска држава од 1893 до 1912 година (до Првата балканска војна), Тодоровски за борбата за автономна, независна и обединета македонска држава во периодот од 1912 до 1941 година, а Ачкоска пишува за создавањето и развојот на современата македонска држава во периодот од 1941 до 1991 година, односно до конституирањето на Република Македонија во самостојна и суверена држава.
Книгата е збогатена со стотина фотографии на најзначајни личности кои придонеле во борбата за создавање современа македонска држава, како и на позначајни настани во тој историски процес на македонската државност.