Куба е отворена за сите пристапи на американскиот претседател Барак Обама за подобрување на билатералните односи и за давање поддршка на приватната иницијатива и граѓанското општество во комунистичката земја, изјави Џозефина Видал, високо позиционирана претставничка на кубанското Министерство за надворешни работи.
Видал, како директор на северноамериканскиот оддел на кубанското Министерство за надворешни работи, го даде првиот кубански јавен одговор на предлозите што минатата недела ги изнесе лично американскиот претседател.
– Ние го поздравуваме целиот пакет, објасни Видал во интервју за АП, и во исто време подвлече дека Куба чека да види како американската Влада ќе ги спроведе најзначајните промени во својата политика кон островската земја во последните 54 години, пренесува БТА.
Лидерот на новото републиканско мнозинство во американскиот Конгрес, Мич Мекконол, се изјасни против планот на Обама за нормализирање на односите со комунистичката држава, пренесоа британските меидуми.
– Има совршено очигледни начини да се спречи целосното реализирање на оваа политика, предупреди Мекконол.
Тој потсети дека само Конгресот има право да ги укине санкциите кон Куба, што се вклучени во законодавните акти и дека одобрувањето на Сенатот е задолжителен услов за испраќањеамерикански амбасадор во Хавана.
Се чини дека расте поддршката меѓу граѓаните на САД за кревање на трговското ембарго врз комунистичката земја, покажа новото истражување на институтот „Ипсос“.
Во анкетата, спроведена меѓу 18 и 22 декември, 41 процент од учесниците се изјаснија за укинување на блокадата, наметната пред повеќе од половина век. За споредба, 37 отсто анкетирани во периодот јули-октомври имаа позитивен одговор за ова прашање.
Притоа, 25 проценти од Американците се против кревањето на ембаргото, што е резултат без видлива промена од последната анкета. Делот на оние кои не се сигурни во одговорот е намален од 38 на 34 отсто.