Објава на нова инвестиција во струшко-охридскиот регион наредната недела очекува премиерот Никола Груевски, кој денеска во Штип изјави дека се преговара со повеќе компании.
– Во завршна фаза на преговори сме со повеќе компании. Се надевам дека компанија којашто во март-април годинава неформално ни кажа дека донеле интерна одлука да инвестираат очекувам во текот на следната недела да ја објави одлуката и акцискиот план за градба на фабрика. Се работи за компанија која планира да инвестира во регионот на Струга и Охрид, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Штип.
Премиерот информира дека се близу до успешно завршување на преговори за уште една инвестиција во северозападна Македонија, со неколку илјади вработувања.
– Блиску сме до успех со една компанија која треба да инвестира во северозападна Макеоднија. Се работи за неколку илјади вработувања, но се уште не ни се завршени преговорите, така што не можам да го потврдам тоа во овој ммент. Во длабока фаза сме на преговори или фудбалски кажано во 89 минута на натпреварот, но тој трае 90 или повеќе минути така што не е добро предвреме да се каже нешто, рече Груевски истакнувајќи дека се блиску до завршување на преговори со уште неколку други компании во повеќе делови на државата.
Груевски додаде дека Владата е многу посветена на привлекувањето странски инвестиции и дека има резултати.
– Многу сме посветени на ова прашање и многу работиме. Огромен дел од нашата енергија ја посветуваме на ова и доаѓаат резултати. Кога нешто сакаш и се бориш за успех, резултатите доаѓаат, укажа премиерот.
Во теков на неделава компаниите Гентерм и Капкон објавија инвестиции во Скопје и во Прилеп, а според премиерот добро е што и двете планираат брза реализација на инвестициите.